01.09.2014 Да се доаѓа на црква пред се за да се молат за здравје и среќа, а не за да се социјализираат тука и да се извидат ако не се виделе подолго време. Вака порачаа свештениците на собирот на манастирот Св. Василиј Велики на Пониква на 31 август денот кога беше осветен манастирот.
По тој повод голем број верници се собраа да го одбележат осветувањето и да му оддадат почит на светецот.
- Неделата по големиот празник Успение на Пресвета Богородица денот кога е осветен манастирот „Св. Василиј Велики“ се одржува собир, се служи Света Божествена Литургија и се крши Славскиот колач.
Она што сакам да споменам е дека ваквите собири не треба имаат само социјален карактер, туку пред се да имаат литургиски карактер, бидејќи ние овде доаѓаме во чест на светителот за да биде наш молитвен застапник и тоа е суштината на ваквите празнувања, рече Димитар Арсовски, ѓакон.
За да се услужат сите верници кои присуствуваа на славата, луѓето кои помагаа за таа прилика зготвија четири казани ручек. И годинава имаше кумови на славата од кои едниот беше и оној кој помогнаа за неговата изградба.
-Јас сум кум, а воедно и еден од ктиторите на манастирот. Ние сме 15 ктитори и сега ми дојде редот на мене јас да бидам годинава кум и многу сум среќен поради тоа, рече Коста Костов, кум на славата.
-Причината зошто се одлучивме да бидеме кумови е едноставна. Ние сме Христијани и сакаме да му оддадеме почит на Св. Василиј Велики кој е Христијански светец, теолог и Епископ од Кападокија. Бил познат и признат во свое време и ние ги славиме неговите дела и 1635 години од неговиот помин, рече Борис Тодоров, кум на славата.
-Согласно христијанските обичаи обврската на кумовите е да го подготват Славскиот колач. Можам да кажам дека ова е единствено место од многуте што заедницата тука на Пониква делува компактно и сите заеднички. Им благодарам на кумовите оти беа вистински кумови годинава, рече Атанас Пармачки, свештеник.
Нема да е слава ако присутните верници не заиграат оро и не запеат песна. На овој ден како и на денот кога се слави празникот посветен на Св. Василиј на манастирот се собираат голем број верници. Палат свеќи за здравје и го молат светецот за среќа.
Славата траеше до попладневните часови, а Пониква беше преполна и со гости кои беа распрскани по планината и уживаа во убавото време кое овој пат не ги разочара.
Т. Велкова
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}