18.11.2013 Втората работилница од проектот за граѓанско општество на УСАИД, чиј организатор беше коалицијата “Сите за правично судење“, се одржа во Кочани.
Се работи за активност во која се вклучени пет градови во државата како дел од имплементирањето на грант проектот “Младите и полицијата – кои се нашите права?“.
Целта на работилниците е младите да се запознаат со Законот за малолетничка правда, со Законот за полиција, Законот против прекршување на јавниот ред и мир, односно да научат нешто повеќе за нивните права во односите со полицијата.
- Младите најмногу се интересираа во однос на прашањето за полициското постапување, на пример кога ќе бидат запрени, начинот на легитимирање, односно кои се нивните права токму во тие постапки. Од досега одржаните две работилници можам да кажам дека тие многу малку ги знаат своите права, па поради таа цел ги организираме овие работилници, рече Фросина Дониновска, проектен координатор во коалицијата “Сите за правично судење“.
Во коалициајата “Сите за правично судење“ членуваат вкупно 18 граѓански организации од државата меѓу кои е и кочанското Здружение на студенти на Правниот факултет “Павел Шатев“. Тоа беше доамаќин и еден од соорганизаторите на работилницата.
- Излобиравме, како еден од членовите на коалицијата, работилници да се одржуваат и во Кочани. Оваа година славиме 10 години од постоењето на коалицијата, значи јубилејна е, а работилницата што се одржа денеска е дел од тој јубилеј. Свеченоста по повод јубилејот ќе се одржи на 6 декември во Кочани со една работилница на која ќе ги поканиме правобранителот, обвинителот, судии, адвокати, значи на едно повисоко ниво, и на интерактивен начин ќе поразговараме за досегашното имплементирање на европските резолуции и декларации, рече Благој Ристов, претседател на Здружението “Павел Шатев“.
На работилницата во Кочани присуствуваа средношколци од СОУ “Гошо Викентиев“, односно со членови на младинската органзиација “Авангарда“ со која Здружението “Павел Шатев“ има одлична соработка.
Т. Ајтовски
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
|700|525|0{/youtube}