08.01.2014 И како што кажаа верниците и домаќинот на манастирот „Добра вода“ во Оризари дека се очекува голем црковно - народен собир на вториот ден од Божиќ кога се одбележува празникот Собор на Пресвета Богородица така и сторија.
Голем број верници се собраа да и оддадат почит на Мајката Божја.
-Ние најпрво се собравме на 8.12.2013 година кога си ветивме дека домаќинките зелници ќе сукаат на вториот ден од Божиќ. И така и направивме. Денеска се собравме на убавиот празник посветен на Богородица и овој собир ќе прерасне во традиција, рече Стефан Смилков, домаќин на манастирот „Добра вода“.
И православната црква ги поддржа верниците на овој ден и се служеше Света Божествена литургија.
-Во православната црква првиот ден на Божиќ е посветен на Христовото раѓање, вториот ден на Собор на Пресвета Богородица и третиот ден е во чест и спомен на Светиот Архиѓакон Стефан. На вториот ден од Божиќ од оваа година и ние од Оризари одлучивме да се собереме овде во манастирот да го одбележиме споменот на Пресветата Богородица, истакна отец Тоше Манев, свештеник во Оризарската парохија.
Домаќинките кои помагаат на манастирот сукаа зелници и месија погача за здравје.
-Годинава сукавме 8 зелника. Догодина ќе сукаме повеќе за собирот на овој ден да прерасне во традиција, рече Стојка Донева од Оризари.
Се делеше лепче со паричка. Најмногу среќа годинава имаше Станка Костадинова од Оризари и за наредната година го презема кумството.
-Многу сум среќна што годинава паричката се падна во мене. Имав претчувство дека ќе ми се падне , затоа синоќа во вечерните часови месив и убава блага погача за здравје, рече Станка Костадинова, кума за наредната година.
Освен кујната која недостасува , бараме да се направи патот до манастирот, па така поголем број верници ќе доаѓаат тука, рече Моне Николов од Оризари.
Инаку , на манастирот „Добра вода“ секоја година се слави на првиот петок по Велигден или кај народот познат како Источен петок – Балаклија кога се празнува со црковно народен собир. Се верува дека водата во овој манастир е лековита.
Т. Велкова
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}