29.01.2014 Стадо кози е украдено ноќеска од фарма во селото Грдовци. Крадците ги скршиле катанците на влезната врата и без страв однеле 30-тина грла од вредната сорта алпина. Патем, присобрале и поголем број од штотуку родените јариња, со што е нанесена голема штета на семејниот бизнис на сточарот.
Дел од украдените кози требало деновиве да се окозат, со што дополнително е намален бројот на стадото.
Сопственикот на фармата Влатко Трајанов, изутрината ги пребројуваше грлата кои крадците не успеале да ги однесат и ја правеше првичната проценка на штетата.
- Отприлика, ако се земе дека вредноста на една сортна коза алпина е 300 евра на пазарот, значи 30 кози, се работи за штета од над 9000 евра. Јарињата не ги броиме во тоа, козењето започна на 5 јануари и секој ден имавме нови јариња, украдени се скозни кози. Во превод тоа значи, 30 кози украдени - минимум 100 литри млеко дневно помалку, рече Влатко Трајанов, сточар.
Штетата дополнително е зголемена затоа што сега ќе има намалено производство на млеко и сирење. Случајот веднаш бил пријавен во полиција и сточарот очекува дека крадците можат да бидат пронајдени.
- Искрено сум оптимист дека ќе бидат пронајдени, биле доста невешти, оставиле многу траги зад себе, можеби ќе помине многу време и се надевам дека ќе бидат најдени. Штета е што козите се скозни, а некој да ги малтретира, да ги носи некаде, да ги товара на сила, најверојатно ќе дојде и до оштетување на самите грла, додаде Трајанов.
На Трајанов до сега не му се случила ваква кражба, но вели дека постојат индиции дека се работи за организирана група која добро ја знаела локацијата на фармата и структурата на стадото што било внатре. Ова е прва ваква кражба и во Источна Македонија, заради што сточарот ќе ги алармира своите колеги од регионот.
Т. Ајтовски
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}