30.01.2014 Две возила на противпожарната служба во Кочани со 12 пожарникари беа доволни да се изгасне пожарот во ОУ „Малина Попиванова“ кој како дел од вежбовната активност избувна во училиштето.
Од симулираниот пожар беа зафатени неколку училници и беа повредени тројца ученици кои навреме беа евакуирани од пожарот и однесени во болница со помош на екипите на Итната медицинска помош од кочанскиот здравствен дом.
Евакуацијата и симулацијата на пожарот се спроведе со учество на сите вработени во училиштето и учениците . Од вежбата се покажа дека ОУ „Малина Попиванова“ како и ТППЕ на Кочани се подготвени за брза реакција при евентуална несреќа и справување во случај на пожар.
-Акцијата ја оценувам како многу успешна. Успешноста се гледа по времето на извлекување на учениците. 370 ученици и вработени успеавме за три минути да ги евакуираме и брзината на доаѓање на противпожарната служба како и извлекувањето на евентуално повредените лица. Се надевам дека оваа успешна акција ќе немаме прилика да ја користиме во реална ситуација, рече Ивица Цимбалевиќ, директор на ОУ „Малина Попиванова“ .
ТППЕ на Кочани ги подржува ваквите активности на кочанските училишта оти истите се од големо значење за учениците да знаат без паника да го напуштат училиштето при евентуално избувнување пожар.
-Успешно помина акцијата и успешно ја завршивме симулацијата на три повредени деца. Извлечени се од страна на ТППЕ на Кочани и згрижени се од страна на Итната медицинска помош. Голема благодарност и до ОО на „Црвен крст“ Кочани што ни помогнаа во организацијата на интервенцијата, рече Дејан Арсов, командир на ТППЕ – Кочани.
Арсов додаде дека пожелно е секое училиште да организира вакви симулациски вежби преку кои се утврдува колку училиштето е подготвено да реагираа во случај на пожар или несреќа. Вежбите се спроведуваат согласно планот за евакуација при несреќи.
Т. Велкова
©2013 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}