04.03.2014 Пред спортската сала во Виница е откриена биста на прерано починатиот капетан Кирчо Димитриов. Тој беше капетан во АРМ кој пред 13 години на 4-ти март 2001 година на 33 годишна возраст загина во воен судир со припадниците на УЧК во Македонија.
Со откривањето на спомен бистата и именувањето на спортската сала според неговото име граѓаните на Виница се оддолжија кон борецот кој го положи својот живот за слободата на Македонија, истакна Гоце Георгиев, претседател на Општинската организација на Резервни офицери на Македонија- Виница.
Димитриов е роден 1968 година во Кочани. Завршил воена академија во Сараево.
Од септември 2000 година до неговото подмолно убиство во март 2001 година кај местото викано Рамно близу Танушевци бил на должност заменик командир на третата моторизирана чета. Смртта го затекна со чин капетан на работното место несебично и беспрекорно извршувајќи ги задолженијата и обврските од неговите претпоставени.
Димитриов загина во период кога Македонија ги преживеа најтешките моменти во својата понова историја , во време кога на земјава и беа потребни ентузијасти, градители и бранители. Со неговата смрт Македонија не изгуби само војник, туку пред се голем човек, но доби вечен граѓанин за пример.
Одлуката за именување на салата беше донесена на 6. седница на Советот на Општина Виница. На свеченоста по повод именувањето на салата присуствуваа бројни гости од локалниот општествено- политичкиот живот, а настапија и учениците од СОУ „Ванчо Прќе“
Цвеќе беше положено и пред спомен бистата на Кирчо Димитриов пред зградата на Општината.
Г.Лалов
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}