14.03.2014 Двајца кочанци на возраст од 34 и 41 година се уапсени во акцијата што ја спроведе полицијата за да го спречи транспортот на лажни азиланти во земјите од ЕУ.
Покрај нив, уапсено е уште едно лице од Скопје, за кое постојат основани сомневања дека било дел од групата што подолг период извршувала кривично дело за организирање и поттикнување злоупотреба на безвизниот режим.
Полицијата веќе прибрала писмени докази против трите лица кои анимирале граѓани од ранливите категории кои биле заинтересирани за добивање азил во некоја западноевропска земја.
- При тоа од нив барале одреден надоместок пред да се спроведе активноста на нивно транспортирање од Македонија, преку Косово до Германија, а потоа, по нивното пристигнување на финалната дестинација го плаќале и остатокот од сумата. Се работи за сума од околу 1000 евра по лице. Ние успеавме да документираме неколку случаи со кои е поврзана оваа група, но не ја исклучуваме можноста дека токму овие лица биле инволвирани во вакви кривични дела и претходно, рече Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи.
Полицијата открила дека неодамна била испратена нова група лажни азиланти на кои им биле наплатени по 300 евра, а според договорот по пристигнувањето во Германија требало да платат уште по 850 евра.
- Истрагата дополнително ќе покаже од кога тие се занимаваат со ваква активност и би требало да се утврди точната бројка на лица кои биле транспортирани на овој начин, односно висината на имотно-правната корист што ја прибавиле со плаќање за услугата што ја нуделе, додаде Јанкуловска.
За превоз на лажните азиланти било користено комби возило со германски регистерски таблички.Со него лицата биле превезувани до граничниот премин Блаце на македонско-косовската граница, а понатаму биле префрлувани во Германија.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}