14.03.2014 Една од најомилените серии меѓу младите кај нас е турската “Аси“, а најпопуларен лик е Демир. Такви резултати покажало истражувањето за влијанието на сериските филмови врз младите што го спроведе Центарот за правни и политички истражувања на Унивезритетот “Гоце Делчев“.
Освен турските кои доминираат со 40 отсто гледаност, популарни се и англоамериканските серии со околу 37 отсто. Иако повеќето од нив се уште не се прикажуваат на нашите телевизии, за да бидат во чекор со трендот, младите најчесто ги гледаат на интернет.
Според Страшко Стојановски, доцент на Правниот факултет во Кочани и раководител на Центарот, иако се очекувало влијанието на телевизијата да биде на слично ниво, сепак само 30% од сериите се следат на класичните медиуми, а двојно повеќе на интернет.
- Интересно е дека на телевизија, на пример, женскиот пол многу повеќе преферира да ги следи сериите, за разлика од машкиот пол кој преферира сериите да ги следи на интернет. Понатаму, на прашањето колку често гледате серии, најчесто младите ги гледаат или секој ден или два-три пати неделно. Можеме да се надоврзиме со следното прашање, колку често ги следите епизодите, па излегува дека младите многу често ги следат епизодите. Претпоставката е дека доколку сериите се следат на интернет, дури и да се следат два-три пати во неделата, можат да се изгледаат сите епизоди односно младите гледаат и по неколку епизоди наеднаш, рече д-р Страшко Стојановски, доцент на Правниот факултет во Кочани.
Резултатите од истражувањето велат дека најчесто се следи само една серија, а поголеми “зависници“ се припадничките на понежниот пол, кои само во 35 отсто од случаите гледаат две или повеќе серии.
- Многу интересно е што омилен жанр, убедливо, е комедијата, но таа истовремено е омилен жанр и кај машкиот пол - средношколци. На пример, кај машкиот пол - студенти омилен жанр е криминалистичката серија. Тинејџерските серии се најгледани од женскиот пол - средношколци, додека романтичните серии се најгледани од женскиот пол - студенти. Драмите како жанр многу повеќе се преферирани од студентите за ралзика од средношколците, претпоставувам дека сериозноста на содржината нацведува кон овој заклучок, и ова може и да се претпостави, додава Стојановски.
Стојановски вели дека социолошкиот аспект на истражувањето покажало емотивна поврзаност на глеачите со ликовите од сериите.
- Голем дел од младите, значи доминантно е дека сериите ги доживуваат емотивно, односно се поистоветуваат со самите серии или со самите ликови. Зависно од карактерот во самата серија можеме да очекуваме поведенијата што се проектираат во неа подоцна и да се пренесат во рамките на општеството, што исто така е загрижувачко, особено ако имаме предвид дека во одредени серии има висок процент на насилство, на пример, заклучува Стојановски.
Истражувањето за гледаноста на сериските фимови било правено во текот на минатата година, поради што прикажаните резултати се однесуваат на некои серии што веќе не се емитуваат.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}