07.05.2014 Поранешната автомобилска индустрија “Руен“ од Кочани по неколкугодишен прекин наскоро ќе обнови дел од производството.
Фабриката доби и ново име - “Руен инокс аутомобиле“ откако на првата електронска аукција во Македонија за сума од 1,5 милион евра ја купи конзорциумот од фирмите “Тинг инокс“ и “Офис експрес“ од Кочани.
Во тек се неопходните реконструкции на производните погони, испитувањето на перформансите на машинскиот парк, доработка на одредени алати, како и разработување на пазарот, по што за идниот месец се најавува почеток на производството.
- Планираме на 1 јуни да биде стартот на производството, но во овој момент ги отвораме вратите за услугите, а тоа се репарација на квачила, термичка обработка за услуги и ковачница. Подготвени се и енергетски оспособени погоните, во понеделник стигнува пропан-бутан гас, електриката е во исправна состојба и подготвено е да започнеме со услужните работи и дејности, рече Славе Јорданов, претставник на “Руен инокс аутомобиле“.
Се најавува дека по рестартирањето фабриката ќе го задржи досегашното производство со воведување производи од инокс материјали и делови за потребите на современата автомобилска индустрија.
- Почнуваме со производство како и до сега, значи комплетно спојки и делови за автомобилската индустрија, а ќе се обидеме да ги повратиме сите пазари што порано ги имал “Руен“. За почеток бројот на вработени ќе биде 120 лица, а проектирано е да стигнеме до 340. Мора да сфатите дека мораме постепено да примаме кадри бидејќи пазарот е запоставен. Додека пазарите да се отворат паралелно и ќе се вработуваат луѓето, додава Јорданов.
На прес-конференција што се одржа во просториите на фабриката беше речено дека рестартирањето ќе значи продолжување на 50-годишната традиција на поранешниот “Руен“ и 25-годишната традиција на “Тинг инокс“.
- “Руен инокс аутомобиле“ ќе започне производство на досегашната програма на спојки, а ќе се осовремени со производи од инокс материјали и делови за автомобилската индустрија. Фабриката ќе го вработи целиот стручен кадар кој со своето знаење и искуство многу бргу ќе го раздвижи производството, а паралелно ќе се примаат и нови млади кадри кои ќе бидат иднината на оваа фабрика, рече Јорданов.
“Руен ИТ“ пред една ипол година отиде во стечај, откако францускиот инвеститор не успеа да ги подмири натрупаните долгови. Фабриката неколкупати неуспешно се продаваше во пакети, а дури во средината на минатиот месец се продаде делот во кој влегоа објектите, машините и алатите.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}