19.05.2014 Хуманитарна помош за настраданите подрачја од поплавите во соседните Србија и Босна и Херцеговина донираат и граѓаните од општина Кочани.
Пункт за собирање на донациите е поставен пред зградата на Локалната самоуправа каде се работи во текот на целиот ден.
Граѓаните можат да донираат храна, вода, средства за хигиена, бебешка храна, односно она што во моментот им е потребно на жителите кои живеат во подрачјата што се зафатени од големите поплави.
- Инструкциите што ги добиваме од настраданите подрачја е дека треба да се донира конзервирана или храна што може веднаш да се користи бидејќи таму немаат време да ја подготвуваат.
Многу вода им е потребно, нова облека, со посебно нагласување дека недостасува бебешка облека, пелени и средства за хигиена, што во моментот им се многу потребни, рече Аника Илијевска Ѓорѓиева од одделението за јавни дејности на Општина Кочани.
Акцијата за собирање на неопходната помош Општината ја реализира заедно со Здружението на граѓани “Благордна мисија“ чии активисти се дежурни на собирниот пункт.
- Во соработка со Општината и контактите што ги направивме, се надеваме дека до 30 мај ќе тече целата акција, можат граѓаните да дојдат од 10 до 19 часот и да го посетат штандот каде што се донира, рече Лидија Ефтимова од Здружението на граѓани “Благородна мисија“.
Свој пункт за собирање хуманитарна помош отвори и општинската организација на Црвен крст од Кочани, чии волонтери во Трговскиот центар ги примаа донациите од граѓаните. Освен храна, облека и други материјални добра, се собираат и парични средства.
- Апел до сите граѓани и компании кои имаат желба да помогнат, жиро сметката ја имаат на веб страниците на медиумите, како и на телефонските броеви на мобилните оператори. Може да се донира 100 денари, од T-home, Vip и One, рече Митко Петров, претседател на ОО Црвен крст – Кочани.
Граѓаните кои беа претходно информирани, самоиницијативно доаѓаа на пунктот и оставаа помош во рамки на своите можности.
- Сметам дека треба да бидеме хумани, дека им треба помош, да им помогнеме на сите луѓе таму бидејќи знаеме во каква состојба се. Значи колку можат сите да бидат дарежливи, хумани, посебно за малите деца, па се разбира и за повозрасните, рече жена која донираше помош.
Пунктот за собирање донации на Црвениот крст во Кочани се планира да биде отворен преку цел ден се до 31 мај, а главната негова локација и понатаму ќе биде во Трговскиот центар.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}