21.05.2014 Жителите на Истибања ги пречекаа претставниците од делегацијата на Европската унија во Македонија, кои дојдоа во рамки на кампањата “ЕУ одблизу“.
Промотивниот син автобус накитен со знамиња и симболи на земјите-членки на Унијата сретсело ги собра истибањци од сите возрасни категории. Пред нив беше претставена идејата за обединувањето и процесот за пристап кон европското семејство, како и можностите за искористување на парите од европските фондови и од програмите за финансиска помош.
- Во изминатите три години посетуваме рурални подрачја, па дојдовме и овде затоа што ова е типично село какво што ние сакаме да посетиме, со население кое ни е потребно, лоцирано е на одлично место и беше вистинско место за да биде дел од нашата посета.
На тој начин ние се среќаваме со народот, со обичните луѓе, со децата, со градоначалникот и тоа е нашата цел. Со нас на овие патување се и студенти по новинарство, ученици од различни училишта, претставници од Европското движење и претставници од ИПАРД. За нас е битно да се сретнеме со луѓето, да видиме што нив ги загрижува и со какви проблеми се среќаваат, рече Роберт Лидл, претставник на делегацијата на ЕУ во Македонија.
Пред младите во подрачното основно училиште “Гоце Делчев“ беше претставена идејата за заедништво и солидарност, а потоа преку игра и цртеж тие имаа можност да ги пренесат своие пораки за мир и дружење.
Училиштето е едно од поактивните во регионот во искористувањето на европската финансиска поддршка за унапредување на условите за наставниот процес.
- Веќе имаме искористено дел од средствата од ЕУ за изградба на лифт, пристапна рампа и обуки за децата со посебни потреби. Се надеваме дека понатаму со вредна работа и со поддршка од Општина Виница ќе успееме да искористиме други пари од Европската Унија за да ги подобриме условите за работа во нашето училиште. Фондовите од ЕУ најпрво би сакале да ги искортистиме за поставување парно греење во подрачното училиште во село Истибања, бидејќи сметаме дека има доволен број ученици и тие заслужуваат како и сите ученици да работат и да учат во солидни услови за работа, значи парното греење ни е приоритет во ова училиште, рече Розета Донева, директор на ОУ “Гоце Делчев“ - Виница.
Истибања е дел од десетината рурални населби во Македонија во кои се реализира кампањата “ЕУ одблизу“. За в четврток се најавува дека автобусот ќе престојува во Зрновци, а кампањата завршува в петок со посета на општината Старо Нагоричане.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}