21.05.2014 Матурантите го славеа завршувањето на средното образование. Матурата е посебно доживување за секој адолесцент, а како круна на средношколското образование се случува матурската прослава.
Пред најлудата средношколска ноќ се прават илјадници планови, се оди во странство, се купува, се прават фризури.
-Четирите години во училиштето поминаа навистина брзо. Завршив на насоката телекомуникации. Планирам да се запишам на факултет , но ќе видиме на кој, се уште не сум се одлучил, рече Влатко Постолов, матурант во СОУ „Ѓошо Викентиев“.
-Фустанот за матурската вечер испадна како што го замислив.
Идејата е од интернет и навистина сум задоволна. Од оваа вечер очекувам да се дружиме и убаво да си поминеме, рече Катерина Јанева, матурантка во СОУ „Ѓошо Викентиев“ .
Класните раководители задоволни од учениците со надеж дека повеќето од нив ќе бидат успешни граѓани со кои ќе се гордеат.
-Јас го водев 4Е1 клас. Сегашните матуранти во текот на четирите години беа супер ученици. Имаше шаренило од оценки од двојки до петки. Верувам дека од нив ќе произлезат врвни инженери, лекари и професори, рече Влатко Атанасов, професор во СОУ „Ѓошо Викентиев“ .
-Овие матуранти беа послушни, добро учеа и никој не ја повторува годината. Имаме освоено и награди на државни натпревари, рече Стојанчо Ѓорѓиев, професор во СОУ „Ѓошо Викентиев“ .
Матурантите од СОУ „Ѓошо Викентиев“ организирано со своите класни раководители влегуваат во училиштето, каде претходно секој се фотографираше за спомен. Откако го одржаа последниот класен час во дворот на училиштето се провеселија со трубачи.
Понатаму организирано со автобуси се упатија во паркот и продефилираа на летната сцена на ЦК „Бели Мугри“. Таму ги чекаше толпа народ кој излегол да ги види овогодишните матуранти. Откако заврши дефилето се упатија на славење на мотелот „Гратче“. Матурантите ги поздрави директорот на училиштето.
-Сакам на сите да ви ја честитам матурата. Искрено се надевам дека ќе бидете успешни граѓани на Кочани и со вас ќе се гордееме. Можам да кажам дека сите бевте добри во изминативе години, им се обрати на матурантите директорот на СОУ „Ѓошо Викентиев“ Димче Сребренов.
Групата „Бекрии“ ги забавуваше матурантите до раните утрински часови.
Т. Велкова
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}
6°C
Кочани