27.05.2014 За само два часа обилните врнежи од дожд ги наполнија дворовите на куќите во селата Чифлик, Чешиново и Уларци. Жителите не очекувале дека водата ќе им дојде до куќните прагови, но сериозноста на ситуацијата цела вечер ги оставила будни, додека се обидувале да спасат што можат. Велат дека досега немало толку пороен дожд, проследен со силни грмотевици и краткотраен град.
- Тоа беше страшно, и децата и ние постарите се исплашивме, се спушти небото, како магла да падна, ништо не се гледаше, рече Убавка Стојчева од Чешиново.
- Вода имаше во старата куќа 70 сантиметри, уште малку да се качи до креветите, рече Митко Арсов од Чешиново.
- Во дворот беше до колена вода, корита стававме и алишта за да не влезе во ходникот. Еве, тепихот мораше да го изнесеме надвор, ќе се скапи, да го испереме и пак да го внесеме, внатре е се мокро, рече Драга Трендафилова од Чифлик.
Многу малку можеле да сторат луѓето чии дворови за кратко време се нашле под вода, па она што изутрината го спасуваа веќе беше оштетено или неупотребливо.
- Ова долу, таму на приземје, е бања, полно е, машината за перење е дигната во вода, внатре е фрижидер за длабоко замрзнување полн со месо, исклучено е, нема шанси, веќе 18 часа е ова, рече Бранко Николов од Чешиново.
- Долу во визбата ми е полна со вода, таму шишиња, зимници што имаше нешто останато, многу е вода и фекалиите се враќаат од главниот колектор, не ја собира горе водата по каналот, рече Јордан Петров од Чешиново.
- Штета ќе имам некаде околу 40 илјади, имам бел ориз оставено во овие простории, компири, нешто тука имам инвентар, се е оштетено, тоа не е за употреба веќе, рече Зоран Ефтимов од Чешиново.
Чешиновци се загрижени што водата наместо да истекува и понатаму надоаѓа од канализацијата и дополнително им го загрозува имотот.
- Пожарна или некој да дојде со моторче да се извади оваа вода, да не влезе дома, готово веќе до таму е дојдено, сега само што измерив уште еден сантиметар фали да влезе во куќата, а наоколу е секаде, имаме прасиња мали, ако влезе таму сите ќе се удават, додава Убавка Стојчева од Чешиново.
Жителите на Чифлик имале помали проблеми со водата во куќите, но уништени се земјоделските посеви со пченка и градинарски култури. Велат дека голема е веројатноста да има оштетувања и на оризовите површините што биле засеани пред неколку дена.
T. Aјтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}