28.05.2014 Надомест за паркирање во Кочани ќе плаќаат возачите од 1 јули.
Одлуката што беше актуелна пред нешто повеќе од една година, но тогаш не се спроведе, сега ќе почне да се применува. Единствена препрека за тоа засега е Советот на Општината, што со оглед на расположението кај мнозинството, не би требало тешко да се помине. Со тоа Кочани ќе стане првиот град во источниот плански регион каде ќе се плаќа за користење на јавните паркинг простори.
На комисијата за комунални работи, планирање и уредување на просторот, беше дадено кратко образложение за стартот на примената на одлуката.
- Според проценка на градоначалникот како предлагач и администрацијата, веќе се созреани условите оваа одлука да биде поместена пред Советот како надлежен орган и да биде донесена. Сакам да укажам дека во завршните одредби на одлуката нејзината примена е од 1 јули за да се добие во време, со цел да се направат и технички подготовки за обележување со хоризонтална и вертикална сигнализација на самите паркинг простори, а исто така и за да се донесат правилниците што се споменуваат во самата одлука, рече Милка Александрова, раководител на Секторот за правни, јавни дејности и општи работи.
Според Одлуката, паркирањето ќе се плаќа за градскиот плоштад, на ул.“Кеј на револуцијата“ на потегот од аптека “Зегин“ до Паркот кај старата станбена зграда, на ул. “Маршал Тито“ по целата должина до мостот кај паркот, на ул. “Димитар Влахов“ од пред зградата на водостопнаство “Брегалница“ до спојот со ул.“Коле Неделковски“, на просторот кај поранешниот ресторан “Елпида“ и за паркинг просторот кај Трговски центар откај реката. Исто така, за паркинг ќе се наплаќа и за просторот меѓу зградите на “Стопанска банка“, “Балкан лукс“ и водостопанство “Брегалница“, потоа за просторот пред Централниот регистар, за паркинг просторот кај кулата “Треска“ и на ул.“22 Октомври“ пред службениот влез на “Македонска пошта“.
Наплатата во зимскиот период ќе биде во терминот од 9 до 22, а во летниот од 8 до 24 часот. За користење на просторот за паркирање, висината на таксата ќе се утврди со посебна Одлука на Советот на општина Кочани.
Сепак, од она што на Комисијата можеше да слушне како предлог е да постои можност за повластени билети за паркирање и за закупување на одреден паркинг простор што ќе чини околу 5.000 денари месечно.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}