18.06.2014 Заборавени граѓани од населбата Оризари со години газат кал, камења и одат по црн пат за да стигнат до своите живеалишта. До нивните домови не стигнува ниту такси, ниту пак смеат да се разболат оти до таму по вакви патишта амбулантно возило не стигнува. Жителите се жалат дека се отсечени од населбата , како да живеат во планина каде што никој не може да стигне.
Од младите луѓе кои живееле тука скоро сите се заминати во странство оти тука не гледаат никаква иднина за живеење. Останаа само повозрасните граѓани кои мака мачат секојдневно да одат по ваков неасфалтиран пат. Особено е страшно кога врнат дождови како што е случај со изминативе денови.
Од кал не можат да стигнат до куќите. Повеќепати досега се обратиле до градоначалникот Димитровски и надлежните во локалната самоуправа, но наидуваат само на празни ветувања од нивна страна кои се позачестени пред и за време на избори.
-Се обративме до градоначалникот Димитровски и цело време ни ветуваат дека ќе го асфалтираат патот, ама досега не е направено ништо. Остаревме газејќи по кал и камења. Младите избегаа надвор од државата, велат не сакале тука да седат. Викаме такси – не доаѓа, викаме брза помош – не доаѓа. Ни трактори не поминуваат тук а за друго возило не станува збор, велат жителите на Оризари.
Преку медиумите апелираат до локалните власти, бидејќи станува збор за пат од околу 300 метри, што е можно побргу да се реагира и да се направи овој значаен локален пат за жителите на Оризари. Во 21 век во држава која се стреми кон ЕУ ваквата слика е само лоша порака за имиџот и иднината на оваа земја, порачуваат жителите.
Т. Велкова
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}