11.07.2013 Кобни последици можела да има кавгата меѓу две семејства од Спанчево чии куќи се во исто соседство.
Иако нетрпеливоста траела со години никој не претпоставувал дека ќе заврши со физички напад во кој 28-годишниот Б.М. насилно влегол во куќата на 65-годишната С.И. и почнал да мава со камења. Притоа искршил поголем број прозорци и дел од инвентарот.
Со цел да го спречат во намерата да им го демолира домот, малолетниците внуци на С.И. со секира почнале да удираат по мопедот на напаѓачот при што сериозно го оштетиле. Со намера да не остане должен на соседите, Б.М. возвратил со иста мерка, односно му го уништил скутерот на 17-годишниот Г.И. За среќа, скараните страни биле разделени од блиските соседи, па настанот завршил без потешки последици.
Жителите на Спанчево рекоа дека Б.М. и порано правел проблеми во селото. Но, од страв дека и ним може да им се случи да бидат нападнати, никој не сакаше да го коментира настанот. Сите се оправдуваа дека не слушнале што се случило.
- Не сум разбрал ништо... Не, слабо излегувам, не се движам... јас имам проблеми, дома си седам, рекоа жители на Спанчево.
Веднаш по смирувањето на инцидентот била повикана полиција. Подоцна бил извршен увид на местото на настанот, а се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Т. Ајтовски