27.06.2014 Иако се уште во минимални граници, случаите на трговија со луѓе не го одминуваат ниту Кочани. Во изминатиот период регистрирани се неколку случаи што за сега се табу тема.
Јавноста многу малку е информирана за можностите индивидуалната слобода да биде злоупотребена, а од друга страна тоа ретко се пријавува кај надлежните институции.
Сепак, користењето странска помош и искуства можат да расветлат многу случаи што би можеле да се третираат како трговија со луѓе, поради што Координативното тело во општина Кочани што е оформено за превентивно дејствување против овие негативни појави добива поддршка во вид на обука од Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ.
- Ние првпат кога дојдовме во контакт со ГИЗ кажавме дека кај нас нема трговија со луѓе. Меѓутоа сега, откако малку подлабоко сме инволвирани во оваа проблематика, гледаме дека и не е баш така, односно имаме поединечни случаи на трговија со луѓе кои поминуваат невидливо, но сепак сме тука за да ги канализираме работите, рече Аника Илијевска Ѓоргиева од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.
Во салата на Советот на Општината се реализираше обука за помош и поддршка на жртвите на трговија со луѓе. Соработката со ГИЗ иницираше проект кој освен превентивното работење против трговијата со луѓе, опфаќа и социјална заштита на ранливите категории граѓани.
- Во рамки на проектот, покрај отворањето канцеларија за социјални услуги која веќе работи, имавме за задача да формираме координативно тело со членови од институциите, од граѓанските здруженија, од верските заедници. Тие се присутни тука, целта е да се презентира деловникот за работа, да се види кои се нивните задачи и ингеренции, за да можеме понатаму одделно да работиме по групи, бидејќи се работи за едно поголемо тело кое не може да функционира заедно, додава Илијевска Ѓоргиева.
На обуката во Кочани имаше претставници од повеќе области во општеството, почнувајќи од образованието, детската заштита, социјалната заштита, полицијата, здравството и други инститцуии. Исто така имаше и од невладиниот сектор кој е вклучен во обезбедувањето социјална заштита, како и од верските организации.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}