18.07.2014 Поранешните македонски репрезентативци, фудбалски асови кои настапувале за нашите и клубовите од странство се дел од хуманитарната акција за помош на Даниел Митков од Кочани.
Сите тие, заедно со некогашните фудбалери првотимци на ФК “Осогово“ се вклучуваат во собирањето парична помош за потребната операција на рбетниот столб на младиот кочанец.
На стадионот “Никола Мантов“ во Кочани ќе одиграат ревијален хуманитарен натпревар, а средствата што ќе се соберат ќе му ги донираат на Митков за операцијата што треба да се направи во болницата “Wu Medical Center“ во Пекинг, Народна Република Кина. Во акцијата своја поддршка дава и Фудбалската федерација на Македонија, а доаѓањето на поранешните репрезентативци е веќе потврдено.
- Скоро 90 отсто од звучните имиња во македонскиот фудбал, кои нешто значат дури и во поранешниот југословенски фудбал, се најавени дека ќе дојдат, од нив повеќето и ќе настапат на теренот, може еден-двајца да бидат физички присутни, но се најавени дека ќе дојдат. Можам да кажам дека дел од нив се и Саша Ќириќ, Артим Шаќири, Гоце Седлоски, Тони Мицевски, Ванчо Мицевски, тоа се се звучни имиња и нема да згреши оној што ќе дојде на стадионот, рече Виктор Ефтимов, поранешен фудбалер.
Хуманитарниот ревијален натпревар не е прв што ќе го одиграат некогашните репрезентативци, но во Кочани по подолго време на едно место ќе се соберат толку звучни имиња од македонскиот фудбал. Средбата ќе се одигра на стадионот “Никола Мантов“, а собраните средства ќе му бидат донирани на Даниел Митков.
- Средбата е закажана за 27 јули, тоа е недела, со почеток во 18,30 часот, терминот е прилагоден за да има што повеќе масовност, пред се многу е битно да се искаже хуманитарниот карактер, затоа што знаеме колку е битна помошта за момчето, што повеќе луѓе, со симболична цена од 50 денари, ќе бидат донирани на жиро сметка и сето тоа ќе биде уплатено кај него. На целата оваа акција ќе се надоврзе и одбележувањето на 90-годишнината од постоењето на ФК “Осогово“, додава Ефтимов.
Апелот за помош на Даниел Митков продолжува и понатаму со оглед дека треба да се соберат 25 илјади евра за операцијата во Пекинг. Неодамна негови пријатели и спортисти од Кочани организираа турнир во мал фудбал на кој се учествуваа над 20-тина екипи од општината и регионот.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}