25.07.2014 Неполн месец по воведувањето на одредбата за плаќање надомест за паркирање во центарот на Кочани, започна примената на построги мерки против возачите кои ја избегнуваат обврската.
Работниците на КЈП “Водовод“, кое стопанисува со јавните паркинзи, започнаа со поставување т.н. блокатор на едно од тркалата на возилата со што се оневозможува неговото движење. За отстранување на блокаторот се плаќа сума од над 10 евра, што всушност е казна за непочитување на обврската за платен паркинг.
Како превентива да не дојде до оштетување на автoмобилот доколку возачот не го забележи блокаторот, на стаклото од левата предна врата се поставува соодветно известување.
- Се поставува налепница на која има известување дека има поставено блокатор. За демонтирање на блокаторот сопственикот на возилото треба да плати глоба од 700 денари. Со нејзиното плаќање блокаторот се демонтира и сопственикот може да го подигне возилото, рече Иван Симеонов од КЈП “Водовод“.
Симеонов рече дека во изминатиот период се случувало граѓани кои се несовесни или недисциплинирани да излезат од возилото и со далечинскиот управувач на клучот да ја заклучат вратата, без да платат за паркирање. Тоа обично се случувало со лицата кои најчесто одат во Трговскиот центар за рекреација и забава.
- Тој оди во Трговскиот центар и си пие кафе и вели не ви плаќам за користење платен паркинг простор, иако претходно има забележано дека на тоа место каде што го има паркирано возилото стои знак за платен градски паркинг. Цената на чинење од час е 10 денари, така што за возило што го вози тој од 10 илјади евра не претставува никаква тешкотија да плати 10 или 20 денари и пак да си ужива во пиењето кафе во Трговскиот центар, додава Симеонов.
Плаќањето за користење јавен паркинг простор е одредба што ја донесе Советот на Општината, па како обврска возачите се должни да ја почитуваат, велат од “Водовод“.
Засега паркирањето се наплатува во потесното градско подрачје, односно на улицата “Маршал Тито“ на потегот од Поштата до водостопанство “Брегалница, потоа на дел од улицата “Димитар Влахов“, како и на јавните паркинг простори кај Трговскиот центар.
Пред донесувањето на актуелната одлука во Локалната самоуправа се размислуваше опфатотот на улиците да биде поширок, односно тоа да се направи по истекот на тримесечниот пробен период.
T. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}