05.08.2014 31-годишниот И.Ѓ. од Кочани останал и без пари и без злато што го носел со себе откако го нападнала и го ограбила автостоперка која ја качил на враќање од Пониква.
Настанот се случил во понеделникот вечерта, кога момчето со своето возило се враќало од планината и во близина на влезот на Кочани ја забележал девојката која стопирала.
Кочанецот прифатил да ја качи во автомобилот, по што таа го замолила да ја однесе до бензинската пумпа кај Чешиново. Таму таа излегла од автомобилот и продолжила да се движи пеш по обележаната полна линија на магистралниот пат кон Штип.
Возачот го забележал таквото однесување и на прашањето зошто го прави тоа, таа побарала да ја однесе до Крупиште. И.Ѓ се согласил и кога пристигнале во селото, наместо благодарност, бил изненаден од дрскиот тон на девојката која му побарала илјада денари. Откако нејзиното барање било одбиено, таа ги грабнала клучевите од автомобилот и со тупаници го нападнала возачот. Во еден момент успеала да му го скине златното ланче и заедно со извесна сума пари што биле во возилото успеала да избега.
Случајот веднаш бил пријавен во полиција и по кратка потрага девојката била пронајдена и приведена. Утврдено е дека се работи за 23-годишната Б.А. од која подоцна се одземени украдени работи и вратени на сопственикот.
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}