11.08.2014 35-годишниот татко Гоце Лазаров од Оризари по три години повторно може да ги види своите деца. Тој успеа да се избори за своето родителско право, и малолетните син и ќерка дојдоа во неговиот дом.
Според него, поранешната сопруга и институциите на системот го одделиле од најмилите, по што започнала неговата битка да докаже дека му е нанесена неправда. Иако уште во 2011 година од Центарот за социјални работи од Делчево добил писмено известување во кое стои дека после разводот од сопругата децата му се доделени нему, тие му биле одземени, а тој бил спречен да ги видува.
По објавувањето на неговото барање на нашата телевизија пред околу еден месец, институциите ја преиспитале претходната одлука и му дозволиле да има контакт со децата.
- Преку медиумите кои кажуваа и објавуваа, ми помогнаа луѓе за да дојдам во контакт со децата, за после три години да ми кажат кој ги крие и каде се наоѓаат. Денеска тие дојдоа кај мене дома. Можам во месецот да ги гледам по еднаш децата, но ќе ја терам постапката за повторно да си ги вратам како што беа доделени на мене, дека јас го имам родителското право, а мајката го изгуби, рече Гоце Лазаров.
Лазаров веќе ангажирал адвокат кој покренал судска постапка со цел децата да му бидат вратени, односно да се дознае каде биле и кој му ги одзел.
- Тужбите се веќе поднесени и се чека судот да одлучи со сите документи што ги имам поднесено, за да се докаже на крајот вистината, додава Лазаров.
Неправдата што му била нанесена со одземањето на децата го натерала самиот да се обиде да ги пронајде. Барајќи ги кај сестрата на неговата поранешна сопруга, во момент на афект Лазаров пукал и ја ранил жената, по што бил осуден на 6 годишен затвор.
Најголем дел од казната веќе одлежал и наскоро повторно ќе може да биде со своите деца. Вели дека нема да дозволи неправедно да му бидат одземени и да доживуваат нови трауми.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}