15.08.2014 На петтиот ден од прекинот на главната водоводна цевка во селото Градец, Виничко, жителите конечно добија вода за пиење. Дефектот е отстранет и водоснабдувањето за сега е нормализирано.
Сепак, селаните се сомневаат дека ситуацијата може да им се повтори, со оглед што тешките триесеттонски камиони што носат огревно дрво од планината и понатаму поминуваат преку доводната линија.
Како реакција по објавената информација на Канал 8 за недостигот од вода, од надлежните во Oпштината била испратена и една цистерна за да се ублажи состојбата. Сепак, жителите на Градец велат дека проблемите со водоснабдувањето не се единствената мака што ја имаат.
Неизграденоста на улиците во селото исто така е приоритет за кој зборуваат со револт, затоа што повеќе од две децении немало никаква интервенција во сообраќајната инфраструктура.
- Овие општинарите немаат слух за тука, не лажат веќе 20 години, асфалт ќе ни ставаат, не знам што, нема. Само за гласање ќе дојдат, ќе ги соберат гласовите и бегаат, ништо... Асфалтот, да речеме, веќе 20 години го прават... Тоа е катастрофа, камења, никој нема да дојде да види каде се возат тие коли, тоа е чудо, рекоа жители на Градец.
Освен главната улица во населбата која е асфалтирана пред повеќе децении, споредните приоди кон убавите куќи се со камења и дупки. Маките што ги имаат жителите со лошите улици се подеднакво актуелни и во летниот и во зимниот период. Бидејќи немаат поддршка од Локалната самоуправа ги решаваат кој како знае и умее.
- Потребни се чизми до колена зимно време за да слезеш овде до асфалтот, а летно време пак, мораш опинци да носиш за да слезеш до овде, па да си облечеш чевли за во Виница.... Па, ние ја правиме, две недели нон-стоп ја поправаме, донесуваме песок, ќерамиди, ставаме по патот, инаку не може да се помине... Овака е нон-стоп, никогаш не е поправано, Тито ако ставил некогаш малку асфалт таму и толку е, крај, завршено е. Тоа е чудо, нема што, рекоа жители на Градец.
Во Градец се асфалтирани само неколку километри од улиците иако е едно од поголемите населени места во општина Виница. Според официјалните податоци тоа има над 1000 жители, а проценките се дека над една третина од живеат и работат во странство, најмногу во Италија, Словенија и Швајцарија, па изградиле современи куќи и возат скапи автомобили.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}-7°C
Кочани