12.09.2014 Поминаа 12 дена од почетокот на учебната година, а 28-те ученици од Кочани кои конкурираа за упис во СОУ „Љупчо Сантов“ и поради малиот број поени беа одбиени, се уште не одат на училиште и не се вклучени во воспитно-образовниот процес.
Учениците се револтирани од одбивањето да бидат запишани, а нивните родители уште повеќе, кои до почетокот на годината се надеваа дека нивните деца ќе тргнат на училиште во Гимназијата.
Директорот Лазар Димитријев објасни дека училиштето постапува согласно добиеното укажување од Министерството за образование и наука во кои стои дека согласно утврдените слободни места за упис на ученици во кочанските средни училишта Министерството не дава согласност за намалување на поените за упис на ученици.
Тоа значи дека согласно конкурсот сите ученици кои имаат под 50 поени нема да бидат примени во училиштето.
Училиштата да бараат согласност од Министерството за образование за намалување на поените за упис е новина која се воведе од оваа година. До лани интерно самото училиште на наставнички совет одлучуваше со колку поени ученикот ќе биде примен и така беше полесно оти сите ученици кои конкурирале беа примени. Од годинава критериумите се построги.
Ученици за кои учебната година се уште не започнала во Кочани се 28, а има и во другите градови во државата во кои бројката е поголема.
Учениците деновиве си ги подигнаа документите од Гимназијата и следно што треба да сторат е да бараат упис во друго училиште. Како и да е револтот на родителите кон одлуката на Министерството и понатаму постои бидејќи како што велат апсурд е таму каде што конкурирале нивните деца да има место за упис, а да не бидат примени.
Т. Велкова
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}