20.09.2014 Шеснаесетгодишната Јулија Крстева е избрана за жетварска убавица на Кочани за 2014 година. Таа ги освои симпатиите на публиката, но и на жирито кое одлучуваше на традиционалниот Избор на жетварска убавица што се организира во рамки на културната манифестација “Денови на кочанскиот ориз“.
Годинава за титулата се натпреваруваа 14 девојки, жетварската круна на овогодишната победничка и ја врачи минатогодишната жетварска убавица. Крстева е средношколка која најмногу ги сака странските јазици и фолклорните традиции.
- Сметам дека секој човек е побогат кога знае повеќе јазици и исто така сметам дека патувањето претставува добар начин за запознавање нови култури и нови традиции.
Секако јас обожувам да ја претставувам нашата култура и традиција преку традиционалните ора и танци што подолго време ги играм, рече Јулија Крстева, жетварска убавица 2014.
Жетварската убавица заедно со своите две придружнички Симона Ѓоргиева и Виолета Димитрова, добија награди од Општина Кочани, што им ги врачи градоначалникот Ратко Димитровски.
Во културно-забавниот дел на изборот учествуваше народниот оркестар и женска пејачка група од ДМУЦ “Сергеј Михајлов“ од Штип и етно-составот Макамистанбул од Турција.
Манифестацијата “Денови на кочанскиот ориз“ со низа културни содржини продолжува до 5 октомври кога со традиционално зажнејување со срп во селото Мојанци што ќе го изведе жетварската убавица ќе биде означен официјалниот почеток на овогодишната жетва на оризот.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}