22.09.2014 Уште еднаш кобна се покажа кривината кај селото Чардаклија на сообраќајниот правец Кочани – Штип. Изутрината околу 6 часот 26-годишниот М.А. од Оризари кој управувал патничко возило “бмв“ излетал од коловозот и завршил во трските од мочуриштето покрај патот.
Несреќата се случила практично на истото место каде минатата недела во судир на автобус и автомобил загина 51-годишен штипјанец.
Првичните созанија велат дека причина за излетувањето на возилото е неприлагодената брзина според условите на патот. Сепак, забележливо беше дека на критичното место на коловозот има истурено моторно масло или нафта.
Најверојатно тоа дополнително влијаело возачот од Оризари да изгуби контрола над возилото и да заврши надвор од патот. При тоа тој се здобил со сериозни телесни повреди поради што веднаш бил префрлен на лекување во штипската Клиничка болница.
Жителите на Чардаклија велат дека целиот патен правец е црна точка, за што сведочат големиот број сообраќајни несреќи.
- Црна точка е од Чарадаклија до Крупиште, не до Балван, тоа е поради невнимавање, брзо се вози и патот не е прегледен... Кај Чардаклија е доста остра кривината, па треба возење со ограничена брзина, секогаш има деца на патот, мислам дека треба да има и знак со ограничена брзина, па возачот да внимава на населеното место... Овој пат “плаче“ за реконструкција, се прави во Западна Македонија, се прави секаде, а Истокот е заборавен. Треба реконструкција, проширување на овој пат, инаку се случувале и ќе се случуваат вакви работи, рекоа жители на Чардаклија.
Најавеното проширување на коловозот од Штип до Кочани и неговото рангирање во експресен пат би требало да го намали бројот на сообраќајните несреќи. Дотогаш, единствениот апел до возачите е да бидат внимателни поради специфичните услови за возење, односно повеќе непрегледни кривини и населените места низ кои тој поминува.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}