08.10.2014 Кампања за поголема безбедност во сообраќајот спроведува Полициската станица - Кочани. Големиот број сообраќајни незгоди, често и со тешко повредени лица и жртви, ја поттикна полицијата за почести кампањи и акции за зголемување на безбедноста.
На ниво на Кочани полицијата деновиве спроведува акција за контрола на носење безбедносен појас. Засега е превентивна, но по завршувањето на акцијата ќе се преземаат и репресивни мерки.
Полицијата ги сопираше сите возила и вршеше проверка на возачите и другите патници дали ставаат безбедносен појас. Резултатите покажуваат дека половина од возачите не го користат. Иста е состојбата и со лицата кои седат до возачите, а патниците на задните седишта воопшто не носат безбедносни појаси.
Полициските службеници засега само ги опоменуваа сите што не користеа појаси и делеше флаери. Деновиве во Кочани се поделени 800 флаери. Акцијата е дел од кампањата „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“ што се спроведува на ниво на држава.
Инаку, по завршување на едукацијата за оние кои нема да ги почитуваат правилата ќе следуваат казни. Засега за некористење безбедносен појас казната изнесува 20 евра и за возачот и за останатите патници. Полициските службеници нема да имаат милост кон неодговорните, рекоа од кочанската полиција, оти загубата на човечкиот живот претставува загуба не само за семејството, туку и за општеството и државата.
Дополнителни причини за сообраќајни незгоди се и зачестеното користење на мобилните телефони во текот на возењето , ограничувањето на брзината, како и заморот на возачите. Податоците покажуваат дека на патиштата во државата секој втор ден згаснува по еден живот.
Во текот на минатата година во сообраќајни несреќи животот го загубиле 198 лица, додека низ светот секоја година животот го губат по 1 милион и 300 илјади лица.
Т. Велкова
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}