15.10.2014 Компанијата “Зелена куќа“ ќе пресели дел од капиталот во оранжериското производство од Кочани во соседна Србија.
Според планирањата, во наредните две години во општината Врањска Бања би требало да се инвестираат околу 4 милиони евра за изградба на нов оранжериски комплекс што ќе ги користи тамошните ресурси на геотермална вода.
Причина за преселбата на капиталот и инвестирањето во странство е што трошоците за геотермална вода што кочанската компанија ги плаќа за загревање на оранжериите кај нас се за десетпати повисоки од оние во Србија.
Поради тоа сите корисници приклучени на системот на “Геотерма“ се откажаа од користењето топла вода, па “Зелена куќа“ остана единствен корисник. Со тоа и капацитетот на системот останува недоволно искористен, односно наместо 1 милион и 300 илјади метри кубни вода, колку што порано се користеле на годишно ниво, сега се трошат само 700 илјади метри кубни.
Неискористен останува и новиот извор за кој дупчењето беше направено пред неколку години, а од каде требаше да се обезбедуваат уште 200 илјади метри кубни геотермална вода.
Увидот во фактурите што ги испорачува КЈП “Водовод“ покажува дека во период од 10 години цената е зголемена за трипати, односно од околу 16,5 денари во 2005 година, денес таа изнесува 48 денари за метар кубен. Најголем пораст е забележан во последните три години, откако одредувањето на цената на геотермалната вода од државната Регулаторна комисија за енергегтика преминало во надлежност на Советот на Општина Кочани.
Освен корисниците кои ги загревале своите оранжериски комплекси, штета од таквото покачување додаваат во “Зелена куќа“, трпи и КЈП “Водовод“ затоа што искористување на капацитетите е преполовено и покрај повисоката цена по метар кубен. Единствено ќар има Локалната самоуправа, која од сумата што се наплаќа за концесискиот надомест добива 78 отсто. Но, на долг рок штетата е ненадоместлива, затоа што домашните компании веќе започнаа постапка за селење на бизнисот и капиталот.
Во “Зелена куќа“ дојдоа претставници од Општината Врањска Бања за да се договорат можностите за инвестирање кај нив.
- Ние веќе имавме еден конструктивен состанок со сопствениците на овие оранжерии и дојдовме да видиме како тие работат, на кој начин, затоа што ние сме заинтересирани да им понудиме нешто во нашата општина, одредена површина со земјиште за тие да инвестираат кај нас, односно да направиме оранжерии како овие што ги видовме. Ние имаме извор на геотермална вода со температура од 96 степени Целзиусови. Имаме еден дел под оранежерии што се загреваат со таа вода и сакаме да го понудиме тоа место каде веќе постои систем што за жал сега не работи, но преку Агенцијата за приватизација до крајот на оваа година треба да се продаде, па им го нудиме на вашите луѓе кои имаат искуство во оранжериското производство, рече Славица Сотировиќ, претседател на градската општина Врањска Бања во Република Србија.
Општинското раководство на Врањска Бања вели дека ќе им ги овозможи сите услови и поволности на нашите инвеститори за да вложат во нивната општина, а во новите оранжериски капацитети би се одгледувале раноградинарски производи. Оттаму велат дека за секој нововработен Владата на Република Србија дава субвенции од околу 10 илјади евра.
Според почетните договори, во кочанската “Зелена куќа“ предвидуваат дека со новата инвестиција би можеле да се вработат 80 до 100 жители на Врањска бања. Не се исклучува и можноста, покрај новата инвестиција, и постојните оранжерии од Кочани комплетно да се преселат во Србија.
Т. Ајтовски
©2014 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.
{youtube}
|700|525|0{/youtube}