22.10.2014 Железничката станица во Кочани и понатаму ќе остане слепо црево во железничката мрежа на Македoнија.
Објектот нема да го менува внатрешното и надворешното уредување затоа што не влезе во плановите на државата за реновирање и модернизирање на 10 такви објекти што се најавува дека ќе се реализира во текот на наредната година.
Ќе нема ниту реконструкција на железничката пруга до Велес со што би се овозможил побрз и побезбеден транспорт на патници и стока. Кочанската железничка станица не видела позначајно подновување повеќе од 4 децении, а дел од опремата и нсталацијата е уште од поодамна.
Заложбите за модернизација на железничкиот транспорт и инфраструктура што се најавуваат од ресорното министерство и од ЈП “Македонски железници“ ќе ја заобиколат последната станица на делницата што води кон источна Македонија. Со тоа во прашање се става и можноста до неа да сообраќаат новите возови што е планирано да се набават догодина. Така и жителите од овој дел на државата нема да го почувствуваат осовременувањето и модернизирањето на железницата, како и набавката на 6 нови патнички возови, иако тоа се оценува како капитална инвестиција во последните четири децении.
- Сметам дека ќе се случи една би рекол мала револуција во промената на имиџот на нашата компанија затоа што мора да признаеме дека сегашниот имиџ е малку лош поради средствата што ги имаме во изминатите 30-40 години, стари се, тешко се одржуваат, со многу дефекти. Ова ќе значи еден прв чекор во промена на тој имиџ на позитивно и сметам дека тоа ќе значи зголемување на искористувањето на средствата на “Македонски железници – транспорт“, рече Оливер Деркоски, директор на ЈП “Македонски железници - Транспорт“
Според најавите од Министерството за транспорт и врски догодина ќе се реконструираат железничките станици по Коридорот 10, вклучувајќи го и кракот кон Битола, додека делницата кон Кочани не е влезена во проектот. Со него целосно ќе се менува водоводната и електричната инсталација, ќе се стават системи за противпожарна заштита, ќе се обноват крововите, подовите и фасадите, ќе се инсталираат уреди за греење и ладење, а објектите ќе добијат и нови тоалети.
Кочанската железничка станица ќе почека подобри времиња.
Т. Ајтовски