24.11.2014 Изгоре трошната куќарка на 59-годишната Анка А. од Кочани која во неа живеела сама.
Пламените јазици се појавиле во неделата околу 19.30 часот, токму кога жената била внатре и најверојатно спиела. За кратко време огнот се проширил и зафатил дел од скромната покуќнина, што брзо почнала да гори.
Еден од соседите го забележал пожарот и веднаш притрчал да помогне.
- Беше сама внатре, немаше струја, дојдов јас со електрична лампа, вратата беше заклучена, прозорецот исто, ја разбив едната врата, потоа и втората и само се слушаше како таа се мачи, се задушуваше.
Излегов надвор, го скршив прозорецот за пламенот да излегува натаму, пробав два-три пати да влезам, ја фатив за ногата, ја повлеков и ја извлеков, па потоа ја изнесов надвор. Потоа дојде итната помош и пожарната. Струја нема долго време, со години, не можам да кажам колку, исклучено е, сама живееше, рече сосед на жената.
На местото на пожарот за кратко време пристигнале противпожарни возила и успеале да го локализираат огнот. Соседите претпоставуваат дека причина за избувнувањето на огнот е невнимание на жената.
- Таа се грееше на свеќа, и паднала и се запалила, тоа е целата причина, немаше ни струја, ни вода нема она, нема ништо, рече друг сосед.
Поради проблеми со дишењето предизвикани од вдишаниот чад, со возило на итната медицинска помош жената била префрлена на лекување во кочанската болница.
Изутрината на местото на пожарот забележливи беа остатоците од куќарката што скоро целосно е уништена, а истрагата треба да ги каже причините што го предизвикале огнот.
Т. Ајтовски