24.12.2014 27-годишната Андријана С. од Кочани се води како исчезната откако петти ден по ред никој од нејзините блиски роднини нема информации каде се наоѓа.
Нејзиниот 32-годишен сопруг А.С. пријавил во кочанската Полициска станица дека жената на 19 декември околу 11 часот излегла од дома и се уште не се вратила. Според информацијата од МВР, надлежните органи веќе преземаат мерки за нејзино пронаоѓање, но за сега безуспешно.
Инаку, во последните 12 месеци ова е втор случај на пријавено исчезнато лице во Кочани. Претходно во полицијата имаше пријава за исчезнат 39-годишен маж кој подоцна беше пронајден удавен во каналот од хидросистемиот “Брегалница“ кај селото Жиганци.
Според анализите од Секторот за внатрешни работи од Штип, во источниот регион во текот на оваа година биле пријавени вкупно 31 лице, од кои 24 се жени.
Најголем број од исчезнатите се од Штип – вкупно 17, а ниту една пријава за иссчезнување во текот на годината не била поднeсена во Виница. Од исчезнатите досега се пронајдени 20 лица, од кои дел беа починати.
Т. Ајтовски