05.01.2015 Три дена по почетокот на новата 2015 година на акушерското одделение во кочанската Општа болница се роди првото бебе.
Го роди Моника Лазарова од Виница и тоа е втора ваква радост за неа и нејзиниот сопруг, со кого претходно имаат ќерка.
Бебето се родило во саботата претпладне со тежина од 3 кг и 800 грама и должина од 52 сантиметри, а породувањето го извршил доктор Фонзи Јуруков.
- Породувањето течеше во најдобар ред, се беше како што треба, пациентката e задоволна од персоналот, се помина добро. Се надеваме дека годината ќе биде бериќетна. Ланската година завршивме со 390, оваа со 360 породувања, се надеваме дека во 2015 година ќе биде побериќетна, рече д-р Фонзи Јуруков, гинеколог.
Првото новороденче во новата година го посети градоначалникот и на мајката и врачи пригодни подароци.
- Третиот ден од годината ја имаме првата рожба во 2015 година, женско дете, што значи дека годината ќе биде бериќетна. На малата Божица и посакуваме да има безгрижно детство, да има убав живот, да напредува и расте, и да има среќно детство, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Подароци за родилката обезбеди и кочанската Општа болница, од каде изразија задоволство што првото новороденче годинава е женско.
- Чувството е секако подобро затоа што се работи за женско дете, а женските деца носат плодност, бериќет, дај Боже оваа година да биде поплодна од претходната. На малата Божица се најдобро, многу здравје, успех и среќа и се најдобро и посакуваме од се срце, рече д-р Дејан Апостоловски, директор на Општа болница – Кочани.
Традиционално, секоја година подароци за новороденото и неговото семејство доаѓаат и од кочанските фирми.
- Компанијата “Ледер“ редовно, по традиција, повеќе 10 години доделува телевизор на новороденото бебе. Оваа година е женско, се роди на трети, нека е живо и здраво, и среќна Нова Година на сите граѓани на општина Кочани, рече Елизабета Николова, претставник од компанијата “Ледер“ - Кочани.
Според лекарскиот тим во кочанската болница, бебето и мајката по породувањето се во одлична здравствена состојба и деновиве ќе бидат пуштени дома.
Т. Ајтовски