18.01.2015 Во неделата попладне два часа беше блокиран за сообраќај патниот правец Кочани - Виница поради протестот на роднините и пријателите на осудените во полициската акција “Детонатор“.
Очекувале дека правдата се остварува во судовите, но според нив тоа биле театри во кои само се глуми праведно судење. Рекоа дека осудени невини луѓе, при што обвинија дека судските одлуки се донесени од страв или под притисок.
- Денеска сме на улица бидејќи сфативме дека правдата не се остварува таму каде што треба. Улицата стана нашиот фронт за борба против неправдата. Скопска Апелација го потврди нашиот сомнеж дека судството во оваа држава е труло.
Ние знаеме дека еден ден вистината ќе исплива на површина, но ова им го должиме на нашите најмили. Да и кажеме на јавноста дека нашите најмили се жртви на еден криминалец, да и кажеме на јавноста дека нема да се откажеме од борбата за правда и дека правдата ќе ја бараме во Стразбур. Да и кажеме на јавноста дека ќе се бориме до смрт правдата да ги стигне сите нарачатели на оваа драмолетка. Да и кажеме на јавноста дека знаеме се и и дека не се плашиме да ја обелодениме вистината, рече роднина на осуден во “Детонатор“.
Роднините на осудените од “Детонатор“ рекоа дека поверувале оти ќе има фер судење, но наместо тоа, нивните блиски неправедно завршиле во затвор.
- Кај сте судство, кој е насилник, дали обвинетите во “Детонатор“ се насилници или оштетениот што го водите во акцијата “Детонатор“? Овде сме да бараме правда. Очекувавме, траевме три години и се надевавме дека Апелација ќе пресуди според правдата, но не го начекавме тоа, доста чекавме три години, доста, рече роднина на осуден во “Детонатор“.
Присутните на протестот рекоа дека бараат Врховниот суд да донесе ослободителна пресуда. Причината за тоа е што не била докажана вината на осудените.
- Која е користа од целата оваа акција? Беше спроведена да се докаже колку имало покер апарати, тие се издвоија од се, а пресудата е донесена само врз основа на основното обвинение кое е злосторничко здружување, а не врз основа на доказите. Јас се чудам на судиите кои судат, кај кои професори го учеле правото за да донесуваат вакви одлуки, рече роднина на осуден во “Детонатор“.
Во акцијата “Детонатор“ што започна пред неполни три години, на петнаесет лица од Кочани и Виница им се судеше за убиство во обид, насилство, измама, лихварство и недозволено поседување на оружје. По жалбата што беше поднесена, неодамна Апелациониот суд - Скопје одлучуваше само за делото “измама“ и пресудата се врати на повторно постапување и одлучување кај првостепениот суд.
Т. Ајтовски