23.01.2015 Се правеа канализации, се копаа улиците, но водата при поројни дождови повторно им прави проблем на жителите на улицата „Роза Петрова“. Велат очекувале дека со интервенирањето ќе се реши проблемот, но резултати нема.
- Овој проблем тука на оваа улица е пред 30 години. Решија во 2014 година да ја прават улицата и да го решат проблемот со поплавите, но и самите ќе видите дека ништо не е направено. Не можеме да излеземе од дома. Поплави насекаде. Треба да се стават решетки од едниот до другиот крај на улицата за да се собира целата вода, а не вака, рече Моне Митев, жител на улицата „Роза Петрова“.
- Сакаме да се стават решетки кај населбатр „Драчевиќ“ и на улицата „Бел Камен“, оти вака веке не бива, рече Лазо Здравев, жител на улицата „Роза Петрова“.
-Јас пред десет минути заминав до продавницата да идам и лом се направив. Жива вода, кондури, панталони се. Треба да се разговара со населението да се види каде е најголемиот проблем и да се реши, рече Борчо Џамов, жител на улицата „Роза Петрова“.
Сличен е проблемот и на жителите на улицата „Страшо Ербапче“ кога цели камења носи водата која се слева по улицата. Жителите и на двете улици велат дека и во случај да престанат дождовите, водата, бидејќи количински е многу, останува на улицата и по неколку дена, а во случај на поројни дождови кои траат подолг период само жителите знаат како ја извлекуваат водата од своите домови. Неопходно е брза реакција од властите и итно решавање на проблемот.
Т. Велкова