16.02.2015 Прво учество и веднаш победа. Елеонора Иванова со темата „Златокоса“ ја воодушеви публиката со својата убаво украсена трпеза, покажувајќи ги своите вештини во кулинарството.
Собра најмногу гласови од публиката и се закити со титулата Вешта жена на Кочани за 2015 година. Ќе го претставува градот на републичката манифестација во Тетово.
- Многу сум возбудена оти не ја очекував наградата, повеќе ми е важно да учествувам. Сакам да се заблагодарам на организаторката Марија Мишева која што ми овозможи да учествувам во оваа прекрасна манифестација. Се надевам дека достојно ќе го претставам градот Кочани на републичката манифестација во Тетово.
Темата на мојата маса е „Златокоса“ а идејата е од мојата ќерка оти тој анимиран филм и е нај интересен, рече Елеонора Иванова, победничка на манифестацијата Вешта жена на Кочани за 2015 година.
Годинава шест натпреварувачки собраа храброст, одвоија време, вложија труд да подготват свечено украсени трпези што на крајот им се исплати. Според гласовите на жири комисијата кои го сочинуваат жени победнички на општински манифестации од повеќе градови од државата прво место во категоријата „Општ впечаток“ доби натпреварувачката Кристина Стојанова со темата „Семејно гнездо“.
Прво место за „Декорација на главно јадење“ освои натпреварувачката Благица Павлова со темата „Љубовно гнездо“. Во категоријата „Сервирање“ најмногу гласови доби Милка Стојменова со темата „Музички инструмент“.
Прво место во категоријата „Вкус на главно јадење“ и прво место од публика освои овогодишната победничка Елеонора Иванова со темата „Златкоса“, a за „Десерт“ првоto место од жирито го доби Анета Лазарова која трет пат учествува во „Вешта жена“ и својата маса ја посвети токму на манифестацијата и темата и беше со наслов „Вешта жена“.
Годинава со своја украсена трпеза на тема „Црно бело“ се претстави и натпреварувачка за „Гран при“ награда Сузана Стојчева. Сите учеснички добија диплома од „Вешта жена“ и подарок од генералниот спонзор „Цептер “, како и цветни аранжмани од цвеќарницата „Флора“.
„Вешта жена“ годинава го одбележа својот јубилеј 20 години постоење на манифестацијата во Кочани. По тој повод пехари и дипломи добија жените кои вложија труд да започне и продолжи да се организира манифестацијата во Кочани, а тоа се Мирослава Петковска, Елица Зафировска, Анета Лазарова, Надица Петрова, како и годинешната организаторка Марија Мишева, која што и самата беше вешта жена на Кочани пред две години и го претставуваше градот на републичката манифестација во Тетово.
- Славиме 20 години постоење на „Вешта жена“ во Кочани. Горда сум што сум организатор на еден ваков значаен јубилеј. Минатата година бев и учесничка. Ме радува тоа што годинава имаме поголем број натпреварувачки, а масите ги подготвија на тој начин што да не знаеш која да ја избереш и која е поубава, рече е Марија Мишева, организатор на општинската манифестација „Вешта жена“.
Т. Велкова