20.03.2015 Точно за 12 месеци заврши изградбата на производствениот капацитет на холандската компанија “Антура“ што како гринфилд инвестиција беше најавена на крајот од 2013 година.
Компанијата која е позната по производството на цвеќе и семенски материјал во Кочани планира да ангажира околу 200 работници. Објектот што се простира на површина од 6 хектари, лоциран во месноста Виничка вада, на десната страна од влезот во Кочани во непосредна близина на локалниот пат кон Горни Подлог е веќе готов и во него се одвива пробното производство.
Директорот на компанијата, Иван ван дер Кнап најави дека свеченото пуштање во работа на капацитетот ќе биде на почетокот на мај.
- Со гордост можеме да соопштиме дека планираме да ја отвориме официјално фабриката на 6-ти мај. Многу сме задоволни што го запазивме временскиот план за реализација на инвестицијата и сме среќни за целата поддршка која ја добивме и што имаме можност да работиме во Македонија. Се надевам уште на многу успешни години работа, рече Иван ван дер Кнап, директор на компанијата “Антура“.
Директорот на “Антура“ вели дека е задоволен од тоа како течела изградбата на капацитетот во Кочани и од условите што му биле овозможени за планираните активности до сега нормално да се реализираат.
- Бевме среќни што можевме да започнеме со изградба на крајот од минатата година и задоволни сме што за 12 месеци сме пред крајот на нашиот проект за изградба на капацитетот. Првите растенија веќе растат во Македонија и веќе стотина луѓе се вработени додава ван дер Кнап.
Инвестицијата во “Антура“ се проценува на околу 6 милиони евра. Таа е една од двете странски инвестиции што влегоа во Кочани во текот на минатата година. Претходно, како браунфилд инвестиција со работа започна погонот на американската компанија “Амфенол“.
Т. Ајтовски