14.04.2015 Сестрите Анастасија, Ана-Марија и Јована Андови од Кочани посветеноста кон рачно изработениот накит за време на празниците ја претставија пред јавноста.
Како велигденска честитка за своите пријатели и познаници, но и за присутните добронамерници во фоајето на ЦК “Бели мугри“ ја организираа својата прва изложба.
На неколкуте паноа беше претставен само дел од седумстотината изработени обетки од полимерна глина и метал, во кои тие ја покажале својата креативност и вродена надареност.
Возбудени од настанот, и посетителите и самите автори на изложбата не го криеја задоволството од, како што рече рецензентот Илинка Атанасова, правилното насочување на креативната имагинација и фантазија од најмала возраст, за во шаренилото од бои и форми да вткајат дел од своите детски и младешки души.
Во име на своите сестри емоциите од првото јавно претставување на своите дела ги пренесе 13-годшината Анастасија Андова.
- Едноставно, јас уживам во она што го правам. Сега додека е школската година малку ми е жал што немам многу слободно време, сепак се снаоѓам и во викендите се обидувам да уживам во ова. Инспирацијата е секојдневието, во она што не опкружува, со секое испробување, со секое експериментирање добивам нови идеи. Нова изложба ќе нема наскоро, но ќе се потрудиме на распустот, па ќе треба да следи нова, се надеваме, рече Анастасија Андова, автор на изложбата
Голем интерес предизвика изложбата на рачно изработениот накит на сестрите Андови за што доволен доказ беше преполното фоаје на Центарот за култура. Тоа е поттик за нив да продолжат со својата кретивност, а публиката да очекува слично претставување на нивната уметничка замисла преточена во реалност.
Т. Ајтовски