27.04.2015 Малтретирањето и убивањето животни е кривично дело казниво со закон за што сторителите треба соодветно да одговараат, велат стручни лица кои се запознати со правните постапки што се однесуваат на таа материја.
Повторното насилничко однесување кон кучиња што го врши лице од Кочани, кое им е добро познато на институциите, го актуелизираше прашањето што се презема за да се спречи таквото однесување.
Според одредбите од важечкиот Кривичен закон во Македонија можно е лицата кои се изживуваат врз животните да заработат и казна затвор.
- Предвидена е максимална казна до 1 година затвор или парична казна за оној сторител за кој ќе биде докажано дека го сторил кривичното дело. Малтретирање, мачење, значи се она што предизвикува некаква болка, некакво страдање на самото животно. Знам дека доста луѓе се жалат од таквите состојби, но очигледно ние иако тежнееме кон Европа но не е нашето законодавство, туку судството е тоа кое нема изградено таква пракса да одлучи веќе таквите чинители на овие злосторнички дела кон животните да ги санкционира нешто построго, од проста причина што редно е веќе еднаш да се стави крај на тоа, рече Емил Нетков, правник.
До сега во Македонија не е регистиран случај насилник кој малтретирал животни да биде казнет со построга казна, парична или затворска.
Од Центарот за социјални работи во Кочани велат дека кај нив никој не поднел барање или реакција за лицето кое ги малтретира животните, а тие постапуваат само кога постои сомневање дека тоа е со нарушено психичко здравје.
- Ингеренциите на Центарот за социјални работи на лица со проблеми здравствени или со психичката состојба е прво да го исконтактира семејството и поблиските членови на семејството, за првично да се упатат кај матичен лекар. Тој ќе направи проценка, ќе изврши увид во неговата здравствена состојба и по потреба го упатува кај лекар невропсихијатар, а понатаму лекарот, согласно неговата законска постапка, степенот на тежината на болеста ќе преземе соодветни мерки и активности, дали ќе биде лекување или друг вид мерки, тоа понатаму ќе го утврди невропсихијатарот, рече Васка Анастасова, психолог во Центрот за социјални работи – Кочани.
Здружението за заштита на животните “Втора шанса“ од Кочани веќе реагираше неколкупати против лицето кое ги измачува и убива кучињата во градот. Од Јавното обвинителство потврдија дека против него има една правосилна пресуда за издржување казна затвор за друго кривично дело, која оудениот се уште не ја одлежал, иако е донесена пред околу една година. Исто така, во постапка против него се уште три предмети за извршени кривични дела кои се поврзани со агресивното однесување и малтретирањето на животните.
Т. Ајтовски