28.04.2015 Македонија има недоволно снабден пазар со органски прехранбени продукти што се произведени без употреба на хемиски препарати.
Токму поради тоа големи се можностите за успех и остварување приход за земјоделците кои ќе се одлучат своето производство да го прилагодат на еколошките принципи што обезбедуваат здрава храна. Таа на пазарите во западноевропските земји е многу барана, а се повеќе расте и побарувачката меѓу македонските потрошувачи.
Ова беше речено на работилницата што се одржа во Облешево, а што ја организираше Федерацијата на производители на органски производи на Македонија.
- Македонија сега за сега е гладна за органски производи. Видување беше дека овие органски производи треба да ги извеземе надвор од Македонија, но гледаме дека и ние овде сакаме да користиме органски производи, посебно младата генерација и оние млади брачни парови кои имаат мали деца сакаат да ги користат таквите производи. Гледаме дека се повеќе се прават здруженија на потрошувачи на органски производи, исто така се отвораат и продавници за здрава органска храна, па сето тоа придонесува тие производи и кај нас полесно да се продаваат и да бидат достапни до нас, Македонците, рече Ѓорги Хаџи Котаров од Федерацијата на производители на органски производи на Македонија.
Преку директен контакт со земјоделците кои сакаат да преминат на таков вид на производство им се претставуваат идеите и условите за органско земјоделие, како и стимулацијата што се добива преку субвенциите. Според Хаџи Котаров, на тој начин може да се постигне задоволителна цена за поркивање на трошоците за производство и успех на пазарот.
- Таа стимулација, слободно можам да ги охрабрам сите земјоделци, покрива некоја почетна разлика што се ствара во почетното производство, меѓутоа со натамошно производство веќе наредната годана, втората или третата година веќе кога ќе стане овој производ органски и самото производство станува многу полесно бидејќи земјата живее. Значи, и болестите се намалуваат на самата површина и самото третирање на истата земја и заштитата се многу полесни, додава Хаџи Котаров.
Во Федерацијата на производители на органски производи во моментот се зачленети 9 здруженија, производителите поединци не се вклучени, а има е најава за приклучување на уште три здруженија. Едното од нив, “Натура органик“, што е во постапка на формирање, ќе биде за подрачјето на Кочани и ќе ги опфати земјоделските производители од овој регион.
Т. Ајтовски