29.04.2015 По неодамнешната реакција на медиумите за најновото изживување врз кучињата во Кочани, институциите презедоа мерки и насилникот Никола Терџиманов е однесен на издржување казна затвор.
Со тоа барањата од граѓаните и од Здружението за заштита на животните добиваат законска завршница. Сепак, таквото санкционирање не е поради малтретирањето на животните, туку поради други кривични дела за кои претходно бил осуден.
Според официјалната информација што ја добивме од Основниот суд – Кочани, со правосилна пресуда Терџиманов бил огласен за виновен за кривично дело “силување“ за што добил казна затвор од 1 година и 6 месеци.
Во изминатиот период му биле испраќани пет покани за да се јави на издржување на казната затвор во затворот во Струмица, по кои тој уредно постапувал. Сепак, од затворот бил враќан бидејќи немало слободни места за прием на осудени лица, за што Судот писмено бил известуван од страна на затворската установа.
- Во меѓувреме осудениот Никола Терџиманов е осуден на друго кривично дело “загрозување на сигурноста“ и му е изречена казна затвор во траење од три месеци. По оваа пресуда е издаден упатен акт за издржување на казната затвор во затворот во Струмица, започнувајќи од 20.03.2015 година. По овој упатен акт писмено сме известени од затворот дека осудениот не се јавил на издржување на казната затвор, со што настапиле услови за издавање наредба за спроведување на осудениот. Ваквата наредба е издадена од страна на судијата за извршување санкции и осудениот на 27.04.2015 година од страна на ПС – Кочани е спроведен до затворот во Струмица, каде што во моментот се наоѓа на издржување на казната затвор, рече Катерина Фудулски, стручен соработник во Основен суд - Кочани.
Освен за споменатите две кривични дела за кои ќе издржува затворска казна, против Терџиманов се водела и постапка за малтретирање и убивање на кучиња, за што тој дополнително ќе биде санкциониран со уште една година.
Неофицијално, против него имало уште неколку постапки за измачување на животните, за кои допрва треба да биде одредена казната според Кривичниот закон на Македонија.
Т. Ајтовски