04.05.2015 Дваесетина граѓани од Кочани, почитувачи на ликот и делото на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито и членови на граѓанското здружение што го носи неговото име, во неделата доцна попладне заминаа за Белград.
Со тоа го реализираат најавеното патување по повод традиционалното одбележување на 4 мај – денот на Титовата смрт. Автобусот беше исполнет до последно место, па иако имало интерес и од други граѓани сепак тие ќе патуваат во друга прилика.
Заедно со членови од делегациите од другите градови од некогашна Југославија, кочанските титовисти попладнето ја посетија Куќата на цвеќето, местото каде што се наоѓа гробот на нивниот патрон.
Притоа, со букети цвеќе, во став мирно и со војнички поздрав точно во 15 часот и 5 минути кога пред 35 години беше објавена смртта, му одадоа почит на поранешниот маршал и претседател на заедничката држава.
Според информациите од членовите на нашата делегација, тие оствариле контакти со повеќе нивни колеги од слични здруженија од неколку градови од Србија, Хрватска и Словенија. Притоа биле разгледани можностите за меѓусебни посети и заедничко учество на кампови и свечености поврзани со настани и луѓе поврзани со југословенската историја.
Трошоците за патувањето на кочанските титoвисти во Белград се покриени од сопствениот буџет, а нивното враќање се очекува во вторник рано изутрина.
Т. Ајтовски