20.05.2015 Од почетокот на оваа работна недела шестмина вработени во Центарот за вработување во Кочани на работа одат во другите градови од регионот. Работните места на кои тие досега работеле се празни, а како замена дополнително е ангажирано само едно лице, нивен колега од Пробиштип.
Неофицијално, одлуката за тоа дошла од централата во Скопје, а вработените веќе добиле и писмени решенија со кои се прераспоредени на работни места надвор од Кочани.
Иако таквото решение за локалната јавност изгледа неочекувано, сепак вработените веќе имале информации дека треба да очекуваат прераспоредување.
Од кочанскиот Центар за вработување рекоа дека немаат официјален коментар за случувањата со нивните вработени, иако дури половина од вкупниот број досегашни службеници се ангажирани во други градови.
Од она што неофицијално може да се дознае е дека наводно прераспоредувањето е направено како казна поради грешки во работењето, но не е исклучено да има и други причини. Со доставените решенија по двајца од вработените сега на работа одат во Штип и Кратово, а по еден во Берово и Пробиштип.
Информациите до кои дојде Канал 8 велат дека постапката за преместување на работа во други градови не е завршена, односно во наредните денови може да се очекува врачување на нови решенија за други вработени. Прераспоредените работници пак, сметаат дека неправедно се казнети за што ќе бараат законска заштита на своите права.
Т .Ајтовски