22.05.2015 Матурантите од СОУ „Љупчо Сантов“ го прославија најважниот момент од животот на младите, кога стануваат полнолетни, време кога го поминуваат прагот помеѓу тинејџерските години и сериозноста.
Пристигнуваа во училиштето каде што беа пречекани од многубројниот народ кој и годинава не го штедеше аплаузот. Матурантите како на филм чекореа по црвениот тепих и гордо влегуваа во училиштето во кое поминаа значаен дел од животот.
На последниот класен час си ветија и да се разделат за време на факултет дека и понатаму ќе се собираат на заеднички дружења. А годините поминати во училишните клупи никогаш нема да ги заборават.
- За матурската вечер почнавме да се подготвуваме уште од самиот старт на второто полугодие. Ова е значаен момент за нас. Засекогаш ќе ги паметиме годините поминати во ова училиште, а задоволни сме и од професорите во училиштето, истакнаа матурантите.
Класните раководители се чини беа повозбудени од самите матуранти. Со солзи во очите се разделуваа од своите како што ги нарекуваат прекрасни ученици со надеж дека во иднина од нив ќе произлезат познати лекари, инжинери, архитекти.
- Навистина беа прекрасни ученици. Повеќето од нив се одлични и скоро сите се надевам ќе продолжат понатаму со школувањето. Очекуваме да бидат успешни граѓани на Кочани, рече Стојанчо Јакимов, професор во СОУ „Љупчо Сантов“.
Инаку и годинава менаџерскиот тим и вработените во „Љупчо Сантов“ го украсија училиштето и ги пречекаа матурантите како што доликува на свечениот момент. По завршување на класниот час со своите класни раководители се упатија кон “Еуро хотел Гратче“ и ја прославија својата матура лудо и незаборавно.
Т. Велкова