26.05.2015 Неколку активни мерки за намалување на невработеноста во Македонија се преземаат во изминатиот период, а најмногу интерес до сега компаниите во Кочанско искажале за ослободувањето од придонеси за нововработени млади лица за период од 12 месеци.
Прва во регионот која искористила некоја од мерките што ги спроведува Агенцијата за вработување е компанијата “Амфенол“, поради што токму таа беше одбрана како домаќин во која се презентираа и останатите мерки.
Постои можност таа, како и други фирми во државата да станат тренинг партнери кои ќе обезбедуваат соодветна обука за невработените лица кои се во нашата евиденција, рече директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, на прес-конференцијата во Кочани.
Притоа тој изрази задоволство од досегашната соработка со странскиот инвеститор.
- Во иднина ќе ја премостиме онаа разлика од понудата на работна сила што ја имаме на пазарот и од она што компанијата треба да го поседува, односно да има такви вработени кои што ќе даваат соодветни можности за вработување во самата компанија. Воедно, ова е еден повик до сите граѓани на Република Македонија да учествуваат во активните мерки на Агенцијата за вработување, бидејќи компаниите како “Амфенол“ имаат доверба кај Агенцијата за вработување и преку нас доаѓаат до квалитетен кадар за каков што има потреба самата компанија. Воедно и оние компании кои ни ја дадоа довербата за работна сила да им помогнеме, ние сме тука, ќе им помагаме и во наредниот период, а ги повикувам и сите невработени кои имаат потреба од работа, сакаат да пронајдат работно место, да ја посетат нашата веб страница на Агенцијата за вработување, рече Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување.
Добрата соработка и помошта што ја добиле од Агенцијата за вработување во обезбедувањето соодветен кадар ја потенцираа и од компанијата “Амфенол“.
- “Амфенол“ е компанија која има 450 вработени во моментот и 100 лица веќе користеле одредени од тие активни мерки, најмногу се од лица до 29 години кои имаат ослободување за првите 12 месеци со обврска за задржување во наредните 12 месеци, и делумно некои од останатите мерки. Јас мислам дека и во иднина оваа соработка ќе продолжи и ќе ја унапредиме, пред се со профилирање на кадри кои би биле подобро подготвени и во соработка со, можеби, да го вклучиме и средното техничко училиште со кое веќе имаме меморандум за соработка и исто така воспоставивме добра соработка, рече Сашко Наков, менаџер на компанијата “Амфенол“.
Освен “Амфенол“ и кај другата странска инвестиција во Кочани, компанијата “Антура“, од 145 вработени во моментот, за 50-тина лица до 29-годишна возраст е искористена мерката за ослободување од плаќање придонеси во рок од една година.
На прес-конференцијата беа промовирани и другите мерки за намалување на невработеноста, како практикантство, обука за познат работодавач, вработување на ранливи категории лица, обука за посебни вештини, како и можностите за самовработување со грант и кредитирање и обуката за општи и информатички вештини.
Т. Ајтовски