01.07.2015 Осуммина ученици кои се првенци на генерацијата во шесте основни и двете средни училишта во општина Кочани добија подарок ваучер во висина од 100 евра. Тоа им е признание од Локалната самоуправа за постигнатиот успех, но и поттик за понатамошно продолжување на одличните резултати во школувањето.
За сите нив градоначалникот Димитровски организираше свечен прием при што освен доделувањето на ваучерите, учениците беа известени дека Општината ги наградува и со седумдневно бесплатно летување на островот Паг на хрватскотго приморје.
Тие беа пријатно изненадени од постапката и ветија дека ќе продолжат со добриот успех во образованието.
- Јас сите девет години активно учествував на натпревари и придонесував многу за училиштето, освојувв места на натпреварите по противпожарна заштита, фото-техника, по математика итн. Се надевам дека ќе продолжам со континуиран успех и понатаму во школувањето, рече Сашка Јованчевска, ученик на генерацијата во ОУ “Малина Попиванова“.
- Во иднина планирам да се запишам на Медицинскиот факултет во Скопје, и сите овие награди што ги доделија и денеска и пред тоа, за нас се една голема мотивација за во иднина, но мислам дека овие награди се мотивација и за идните генерации кои следуваат, бидејќи знаат за што се борат, рече Филип Стојанов, ученик на генерацијата во СОУ “Љупчо Сантов“.
Градоначалникот Димитровски рече дека Општината започнува нова традиција со која секоја година ќе им оддаде признание на најдобрите ученици.
- Прв пат Општина Кочани им доделува ваучери во вредност од 6 илјади денари, а во исто време им овоможува бесплатно 7-дневно летување благодарение на соработката со Општина Крижевци од Република Хрватска. Задоволството е уште поголемо затоа што овие ученици се нашата гордост и очекуваме досегашните успеси коишто ги имаат дека ќе ги продолжат и во понатамошното школување, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Во делот на соработката со Општина Крижевци, Димтровски рече дека ќе се организира реципрочна размена. Тоа ќе значи продолжување на традицијата од пред 20-тина и повеќе години, така што во зимскиот период Кочани ќе биде домаќин на најдобрите ученици од збратимената општина од Хрватска и за нив ќе обезбеди бесплатно зимување во некој од капацитети на Пониква.
Т. Ајтовски