10.07.2015 36-годишната Жаклина А. од Виница е жртва во сообраќајната несреќа што во четвртокот околу 21.45 часот се случи на магистралниот патен правец Штип – Велес.
Таа била сопатничка во автомобилот што го управувал Д.К. од Кочани, при што во еден момент тој изгубил контрола, па возилото излетало од коловозот и се превртело. Во несреќата виничанката се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место, а возачот бил повреден и однесен во штипската Клиничка болница.
Од Секторот за внатрешни работи - Штип излегоа со кратко известување за настанот.
- Во близина на село Сарамзалино се случила сообраќајна несреќа во која учествувало патничко моторно возило марка “хјундаи“ со штипски регистерски ознаки, управувано од 38-годишен кочанчанец, при што на критичното место, движејќи се во насока од Штип кон Велес каде се врши реконструкција на патот, од засега непознати причини, дошло до излетување и превртување. Во незгодата, на лице место починало женско лице, сопатник во возилото, рече Гордана Панајотова, портпарол на СВР – Штип.
Увид на местото на настанот направиле јавен обвинител и полициски службеници. По наредба на обвинителот телото на почината било предадено на обдукција, а возачот по лекарската интервенција е пуштен на домашно лекување.
Со оглед што на целата делница од Штип кон Велес се изведуваат градежни работи за проширување на патот, а на повеќе места тој е ископан, потребно е внимателно возење и почитување на сообраќајната сигнализација.