22.07.2015 Во одмината фаза на распаѓање е зградата на поранешниот Воен отсек во Кочани. Нејзината внатрешност целосно одговара на амбиент за снимање хорор филм без дополнителни дотерувања и адаптации.
Таваните на вториот спрат ја пропуштаат водата и при најмали врнежи, таа тече во внатрешноста на канцелариите и ходниците, од што целосно уништени се ѕидовите, паркетот на подовите и канцеларискиот мебел.
Импровизирана заштита со најлони потпрени на стапови користат вработените за да не им капе на глава или врз документите и скромната опрема со која работат. Тоалетот, што е заеднички за сите корисници на спратот, се користи само во екстремни случаи на итност. На сите страни смрди на мемла и влага, па за да се подобри барем малку состојбата и да се дојде до свеж воздух службените лица и во лето и во зима ги држат прозорците ширум отворени.
Дел од просториите се празни оти е невозможно да се користат затоа што воопшто немаат прозорец и личат на затворски ќелии или пак влагата ја оштетила електричната инсталација. Свое прибежиште овде наоѓаат змии, стаорци, големи бумбари и оси.
Ни надворешноста на објектот не е ништо подобра. Ѓубре на сите страни, искршени стакла, уништена фасада, руинирана столарија, а на терасите и пред вратите изникнале дрвја. И покрај се, таблите со имињата на институциите и понатаму гордо стојат над влезовите како реклама за негрижата кон општествениот имот.
Објектот што е изграден пред повеќе од 60 години, освен една посериозна градежна интервенција во раните осумдесетти, досега немал поправки и реконструкции. Во изминатите десетина години имало многу посети и ветувања од надлежните дека конечно ќе се преземат соодветни мерки, ама сликата се уште говори дека тие и понатаму се само во план.
Зградата во државна сопственост е распределена на пет корисници - Министерството за народна одбрана, Управата за јавни приходи, Центарот за управување со кризи, Центарот за известување и тревожење и ОУ “Никола Карев“.
Кога би се организирал избор на најзапуштена зграда во Кочани овој објект сигурно ќе им направи силна конкуренција на своите противници.
Т. Ајтовски