07.08.2015 Писмена преписка преку електронска пошта се води во изминатите неколку денови меѓу претставниците на фудбалските клубови “Брегалница од Штип и “Осогово“ од Кочани.
Главна нејзина поента е одложувањето на првенствените натпревари што штипјани како домаќини требаше да ги играат кај нас.
Во дописот што пристигнал на e-mail адресата на кочанци биле наброени недостатоците што итно треба да се отстранат за да може третото коло од Првата македонска лига “Брегалница“ да го игра на стадионот “Никола Мантов“. Притоа спомената е потребата од итно довршување на реконструкцијата на соблекувалните, обезбедувањето сигурносни излези од стадионот, бојадисувањето на скалите и влезните врати со жолта боја, како и поставувањето сигурносна ограда на источната трибина. Се додека овие недостатоци, што при посетата во вторникот ги констатирала Комисијата од ФФМ, не се отстранат, во Кочани нема да се игра прволигашки фудбал.
Од ФК „Осогово“ одговориле на дописот од штипјани, при што се заблагодаруваат на информацијата и ветуваат дека ќе направат обид сите недостатоци да се отстранат во дадениот рок, односно во наредните две недели.
Истовремено упатуваат забелешка што известувањето од “Брегалница“ стигнало на адреса на кочанскиот третолигаш, наместо кај лицата од Кочани кои контактирале со претставниците на ФФМ при нивната посета на стадионот. Затоа, во одговорот до штипјани е нагласено дека за да нема недоразбирања, во иднина неопходно е да се контактираат официјалните претставници на “Осогово“, кому стадионот му е даден на користење.
Т. Ајтовски