13.08.2015 Бројот на гнездата на штрковите во Македонија е намален за околу една третина во однос на нивната популација од пред 5 ипол децении. Тоа го покажуваат резултатите од пописот на овие птици што на територијата на целата држава го спроведе Македонското еколошко друштво - МЕД.
Пребројувањето покажало дека во Македонија има 817 гнезда на штркови во кои живеат 2.023 млади и 1.638 возрасни птици.
Пописот се реализираше од почетокот на пролетта, односно со доаѓањето на птиците, па до средината на јули, а во активноста покрај членовите на Македонското еколошко друштво се вклучија и над дваесет волонтери, како и дел од месното население.
Според пописот, голем дел од штрковите во текот на сезоната престојуваат и се размножуваат во Кочанската Котлина, а само во општина Чешиново-Облешево биле пребројани над70 активни штркови гнезда. Карактеристично е што за разлика од другите земји каде секој пар изведува просечно по две младенчиња, овде тој број се движи од 3 до 4.
Од МЕД велат дека за следи популацијата на птиците неопходно е да се врши редовно преборјување.
- Се надеваме дека тој цензус ќе се изведува секоја година за да можеме да ја следиме популацијата на штркови. Ние сметаме дека сега за сега ова е стабилна популација на штркови и дека така и ќе остане, рече Ксенија Путилин од Македонското еколошко друштво.
Последен пат попис на штрковите во Македонија бил спроведен во 1958 гдоиуна кога биле преборени 1.132 активни гнезда. Во нив живееле 3.576 млади птици и според согледувањата на активистите од Македонското еколошко друштво за разлика од сега, кога најголем број од гнездата се на електрични столбови и слични конструкции, тогаш гнездата биле на куќи.
Населението кај нас штрковите гио смета за симбол на богатство и среќа, а народните верувања се дека тие заминуваат на африканскиот континент по 14 август, односно по денот кога сед слави верскиот празник Макавеј.
Од пред две години општината Чешиново-Облешево влезе во мрежата “Европско село на штркот“ што ја организира германската фондација “Еуронатура“, а со цел да се преземаат активни мерки за грижа и заштита на белиот штрк.
Т. Ајтовски