03.09.2015 Кривична пријава заработи лице од Кочани поради пуштање во оптек фалсификувани пари. Измамата била откриена при обид парите да ги стави на сопствената сметка во банка.
Според полициски извори, Надворешната канцеларија за криминални работи од Кочани поднела кривична пријава против 59-годишниот кочанец М.Д. затоа што против него имало основани сомневања дека сторил кривично дело „фалсификување пари“.
Имено, пријавениот со намера да се стекне со противправна имотна корист набавил шест фалсификувани банкноти во апоени од по 100 евра и на 13. јули годинава отишол во една од банките во Кочани со намера парите да ги уплати на сметка. Притоа, за да не биде сомнителен во постапката, тој ги измешал фалсификуваните со оригинални банкноти и ги пријавил на шалтерот за уплаќање на неговата девизна сметка.
При рутинската контрола на парите банкарскиот работник се посомневал во нивната исправност и случајот го пријавил кај претпоставените.
По откривањето на обидот за измама надлежните органи спровеле истрага, по што против М.Д. е поднесена кривичната пријава.