07.09.2015 Аикидо клубот “Нико“ најверојатно ќе мора да ги прекине тренинзите затоа што останува без простор во кој ќе може да работи. Вратите на салата на ОУ “’Никола Карев“, каде досега се тренираше, ќе бидат затворени за членовите на клубот и за рекреативците кои посетуваа кардио фитнес.
Од “Нико“ испратија известување во кое се вели дека без никакво дополнително објаснување во саботата навечере, токму за време на тренингот им бил доставен писмен допис во кој било нагласено оти заклучно со 6 септември договорот за користење им истекол.
Според насоките одговорните во клубот требало за неколку дена да ги соберат реквизитите за вежбање и да ги ослободат досегашните термини за користење на салата.
Со тоа прекинува соработката меѓу клубот и основното училиште за која двете страни имаа пофални зборови. Неколкуте возрасни групи што вкупно броеја 80-тина активни членови кои тренираа аикидо засега остануваат на улица, а во “Нико“ не знаат дали клубот воопшто и ќе продолжи со работа.
Барајќи одговор за новонастаната состојба, директорот на ОУ “Никола Карев“, Владо Андов, во телефонски разговор ни рече дека нема ништо спорно во сето ова, со оглед што договорот за користење на салата на аикидо клубот му истекол, а не постоела обврска да се обнови.
Исто така, според насоките што биле добиени од Општина Кочани, било планирано во наредниот период објектот да почне да се користи за развој на други колективни спортови. Освен за футсал екипата, што беше формирана пред една ипол година, веќе биле започнати активности за формирање одбојкарски, како и ракометен клуб во машка и женска категорија.
Според Андов, сумата што била наплатувана од час за користење на салата била премногу ниска за покривање на трошоците, а освен тоа и раководните лица на аикидо клубот веќе не живееле во Кочани. Постоењето на клубот воопшто не доаѓало во прашање, затоа што тренинзите можеле да се реализираат и во другите спортски сали во градот.
Т. Ајтовски